Докторка волонтер на вакцината против ковид-19: Почувствував многу лесна главоболка, а некои се жалат на замор и треска

29

Вакцината од Оксфорд е направена од модифициран, но безопасен вирус што предизвикува настинка кај животните. Јас гарантирам дека вакцината не влијае на нашата ДНК – ниту една вакцина не го прави тоа, вели докорката.

Д-р Ели Канон беше една од 10.000 британски волонтери во истражувањето на вакцините во Оксфорд.

Како општ лекар, но и како мајка, сакам животот да се врати во нормала, вели д-р Ели Канон за „Дејли меил“.

– Сега конечно се ближи крајот на агонијата. Како и илјадници други вработени во британската здравствена служба, јас сум подготвена да ја вакцинирам постарата категорија на население пред крајот на годината – вели докторката.

Д-р Ели истакнува дека до средината на декември нема да се знае дали примила вистинска вакцина или плацебо. Но, додава таа, што и да добие за време на истражувањето ќе биде меѓу првите што ќе ја добијат вистинската вакцина.

– Имав неколку пациенти и пријатели кои тврдат дека вакцината е „направена премногу брзо“. Ме прашаа како можам да бидам сигурна дека вакцината е безбедна. Други, пак, ми рекоа дека слушнале дека вакцината против ковид- 19 предизвикува „шокантни несакани ефекти“. Според последната анкета дури третина од Британците во моментов се двоумат дали да се вакцинираат. Но, мојата порака е јасна: не треба да се грижите. Убедена сум дека знаењето на фактите за вакцината ќе им помогне на луѓето да се ослободат од стравот – вели д-р Ели.

Таа одговара на најчестите прашања во врска со вакцината против ковид-19.

Вакцината се направи брзо. Дали е безбедна?

– Пред да аплицирам за истражувањето, детално прочитав сè во врска со тоа. Ако не бев 100 процентен сигурна, не би се согласила двапати да ми стават игла во раката – прво ја добив првата доза, а втората две недели подоцна. Како и сите вакцини, и оваа ги помина сите безбедносни проверки пред да започне истражувањето на луѓето.

Првиот дел од кој било тест се изведува во лабораторија и вклучува инјектирање на вакцината во човечки клетки во епрувета, а потоа и на животни. Во случај на вакцината Оксфорд, таа најпрво беше тестирана кај мајмуни, ова е направено за да се осигура дека вакцината не е токсична или штетна. Потоа, кога научниците се увериле дека животните се добри и дека покажале одреден имунолошки одговор, започнале тестови на луѓе кои доброволно учествувале во истражувањето. Безбедноста и ефикасноста потоа беа тестирани кај стотици возрасни. Податоците за вакцините од Оксфорд во оваа фаза беа објавени во „Лансет“ на 20 јули и се достапни за читање на Интернет. Се покажа дека вакцината предизвикува силен имунолошки одговор кај волонтерите.

Исто така, истражувањето покажало колку несакани ефекти имало. Приближно половина од волонтерите пријавиле чувство на замор ден-два по вакцинацијата и главоболка. Но, доколку волонтерите земале парацетамол, овие симптоми исчезнале побрзо.

Следуваше третата фаза, кога илјадници здрави доброволци беа вакцинирани – вклучувајќи ме и мене. Половина од нас добија вакцина, а половина плацебо, но не ни беше кажано кој добил вакцина, а кој плацебо. Ова беше направено за да можат истражувачите со сигурност да кажат како вакцината влијае врз луѓето.

Имено, ако видите слични резултати во плацебо групата и со вистинската вакцина, тоа може да значи дека ефектот е последица на некој друг фактор, а не на активноста на самата вакцина. Бевме тестирани секоја недела.

Ако вакцината е тестирана, зошто сè уште не се користи?

— Откако ќе завршат испитувањата, следуваат дополнителни клучни проверки пред вакцината да стигне до пациентот. Агенцијата за регулирање на лекови ги анализира податоците од сите испитувања. Земени се предвид состојките на самата вакцина, квалитетот на истражувањето, како и кај кои категории на популација оваа вакцина има најмногу ефект. Исто така, производителите мора да илустрираат планови за долгорочни студии за следење за да добијат одобрување.

Дали вакцината против ковид-19 ќе ја смени нашата ДНК?

– Прочитав такви шпекулации на социјалните мрежи. Јас гарантирам дека вакцината не влијае на нашата ДНК – ниту една вакцина не го прави тоа. Вакцината од Оксфорд е направена од модифициран, но безопасен вирус што предизвикува настинка кај животните. Го стимулира имунолошкиот систем, што значи дека нашето тело е подготвено да реагира доколку некогаш дојде во контакт со вистинскиот вирус што предизвикува ковид- 19. Другите вакцини, што се дадени на деца или стари лица, понекогаш содржат живи вируси или делови од нив, модифицирани или деактивирани на некој начин за да бидат безопасни..

Што е со несаканите ефекти?

– Најлошото што го чувствував беше многу лесна главоболка која исчезна за еден ден, иако не знам со сигурност дали ја добив вистинската вакцина или плацебо. Другите пријавени несакани ефекти вклучуваат замор, лесна треска или болки во мускулите слични на оние што ги доживеале некои луѓе кога се вакцинирани против грип. Ова е знак дека имунолошкиот систем се подготвува да одговори на натрапникот – вели докторката Кенон.aa