Донесен правилникот за пререгистрација на возилата со странски таблички, давачките намалени за 50 отсто

9

Правилникот за пререгистрација на возилата со странски таблички во земјава е донесен и, според најавите од министерот за економија Крешник Бектеши, денеска треба да биде објавен во Службен весник и да стапи во сила.

– Во законското решение е предвидено Законот да стапи на сила по 20 дена од објавата во Службен весник. Токму во одредени членови од Законот е предвидено да се донесат соодветни правилници, а вчера Министерството за економија го донесе правилникот за Поединечно одобрување на возилата, изјави вчера министерот Бектеши.

Бирото за меторологија и другите институции, како што е Царинската управа, сега ќе можат слободно да почнат со регистрација на возилата што се предвидени со последното законско решение. Согласно законското решение, може да се регистрира возило што е донесено во земјава до 1 октомври во 2020 година, а давачките се намалени за 50 отсто.

Со законот е предвидено сопственикот или корисникот, односно лицето кое го оттуѓува возилото или лицето кое ќе го купи возилото, да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон, да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.