Досега 12 загинати на аеродромот во Кабул

8

Вкупно 12 луѓе загинале на и околу аеродромот во Кабул од неделата, кога талибанците влегоа во градот и прогласија крај на војната, но и предизвикаа егзодус на жителите, кои се обидуваа да избегаат од земјата. Претставник на талибанците изјави дека станува збор за жртви на пукање или стампедо. Тој ги повика луѓето кои се собираат пред аеродромот да си заминат дома доколку немаат документи и право за патување.

„Не сакаме да повредиме никого на аеродромот“, изјави тој.

Аеродромот во Кабул останува под контрола на американската војска, но талибанците ги чуваат пристапните патишта. САД и други западни земји продолжија со евакуациите на своите државјани и некои авганистански соработници, додека земјата денеска го одбележува Денот на независноста, што би можело да доведе до нови протести против исламистите.

„Денеска ја одбележуваме годишнината од независноста од Велика Британија. Истовремено, нашиот џихадистички отпор принуди уште една арогантна светска сила, САД, да се повлече од нашите свети територии“, соопштија талибанците.

Околу 8.000 луѓе досега заминаа од Кабул, изјави официјално лице на една западна земја. Претседателот Џо Бајден изјави дека ниеден Американец нема да биде оставен во Авганистан и најави дека американските војници би можеле да останат и после 31 август, кога истекува рокот за повлекување. Моментално сè уште има 15.000 американски државјани во Авганистан, но и голем број нивни домашни соработници очекуваат да излезат од земјата.

„Не можеме да ветиме колку долго ќе трае евакуацијата и колку луѓе ќе можеме да пренесеме на безбедно. Немаме капацитети за масовни евакуации“, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.