ДО ДОЦНА ВО НОЌТА: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со вилушкар ги носеле амандманите до собраниската архива

29

Без голема врева, тивко, амандманите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ до собраниските архиви почнале да пристигаат на 11 декември во попладневните часови. Биле носени со вилушкар, не во кутии, туку лист по лист, наредени еден над друг амандман, се до ноќта до 21 часот. Архивата била затрупана. Нашите извори велат дека вработени во службите не го криеле своето изненадување, бидејќи немале никаква најава за толкав број на амандмани. Изненадени биле и од владејачката коалиција, бидејќи очекувале дискусија, а наместо тоа добиле амандмани со кои трајно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги блокираа измените на Изборниот законик за една изборна единица и за отвоени листи, но и предлог законот за Академија на судии и јавни обивнители и за Јавно обвинителскта служба, пишува Слободен Печат.

Сепак, најмногу биле изненадени предлагачите – „Иницијативата за една изборна единица“. Оттаму за „Слободен печат“ велат дека од колегите од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ очекувале во најмала рака колегијалност, односно собраниска сендица на која ќе бидат разменети различни ставови, бидејќи им било јасно дека кај ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ немаат расположение за промена на изборниот модел.

– За да поднесете илјадници амандмани за промена на само 3 или 4 члена од Изборниот законик, навистина треба голема креативност. Службите во Собранието не можат така брзо да ги архивираат, за да ги средат амандманите од админстративно-технички аспект треба да работат и за викендов. Тоа е апсурдна ситуација. Никој не очекуваше толку амандмани – велат од „Иницијативата за една изборна единица“.

Ако собраниските комисии ја започнат процедурата за да ги разгледауваат амандманите, тогаш најверојатно и народните избраници, велат нашите извори, новогодишните празници ќе треба да ги поминат во Собранието.

Од СДСМ велат дека „ВМРО-ДПМНЕ со 970 поднесени амандмани сака да го блокира Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители, за да обезбеди заштита за криминалот што го правеа функционерите од оваа партија и да спречи какви било реформи во судството“.

– Поднесоа 4.000 амандмани за предлог законот за Јавно обвинителска служба со што ги загрозуваат доказните матријали во процесите коишто се водат против нив – велат од СДСМ.