Драстичен скок: Над 46.000 случаи на коронавирус во Америка

7

Бројот на заболени со коронавирус во Соединетите Држави драстично се зголеми, и сега САД се трети во светот по бројот на случаи.

Во понеделникот се регистрирани 2.411 случаи, а сега се регистрирани вкупно 46.168.

Бројот на починати се зголеми за 29 на вкупно 582.

Така Соединетите Држави ја надминаа Шпанија по бројот на случаи, но оваа европска земја има проблем со големиот број на смртни случаи кој сега е 2.696.

Она што во САД го привлече внимание е случајот со 12-годишно девојче кое поради сериозната состојба од коронавирусот е на респиратор.

Како што пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на нејзиниот братучед Џастин Ентони, на Еми на 15 март ѝ е дијагностицирана пневмонија, а резултатите од тестот во петокот минатата недела покажале дека е позитивна на вирусот.

Таа од саботата е на респиратор и нејзината состојба во моментот е стабилна, додаде Ентони.

Соединетите Држави минатата недела решија да ги затворат границите со Канада.

Во моментов има над 390.000 заразени во светот, 17.000 смртни случаи и 102.843 излечени.

Кина е сè уште прва земја според регистрираните случаи, но Италија пред неколку дена по бројот на смртни случаи ја надмина земјата на потекло на вирусот.