„Друмарина“ се одложи, обвинетата Бонева е во изолација

16

Денешното рочиште за случајот „Друмарина“, каде обвинета е експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, се одложи бидејќи таа се наоѓа во изолација.

Судијата Марин Станевски, соопшти дека одбраната на обвинетата доставила потврда за изолација поради ковид-19 и здравствен надзор. Следното рочиште е закажано за 10 мај. За денеска беше предвидено да се сослуша сведок.

Обвинителството ја гони експратеничката со тврдења дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка.

Според Обвинителството, лажните фискални сметки биле поднесува во за периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година.

„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари“, се тврди во обвинението.

Бонева, пак, ги отфрла ваквите обвинувања и најави дека во овој судски процес ќе докаже дека ваквото обвинение е паушално.

„Со 6 967 докази и 28 сведоци ќе докажам пред судот и пред јавноста дека обвинението покренато против мене е невистинито и паушално, исто како што беа и големите лаги дека сум била рекордер во земањето патни трошоци, дека сум купила станови со криминални пари“, рече Бонева на почетокот на судскиот процес.

Истрагата за овој случај, познат како „Друмарина“, ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а по примопредавањето на предметите во редовните обвинителства, случајот стана надлежност на ОЈО Скопје. Обвинението беше поднесено на 4 септември лани.