ДУИ го поддржа францускиот предлог и порача дека нашата земја е пред историска одлука

6

Демократската Унија за интеграција (ДУИ) ја поздравува конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање на прифатливо решение за македонско-бугарскиот спор и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за одблокирање на нашиот европски пат.

„Нашата земја е пред историска одлука за отворање на преговорите со Европската унија и за затворање на сите спорни прашања со соседите. Затоа цениме дека ваквите шанси за компромис, кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот“, се наведува во соопштението на ДУИ.

Демократската Унија за интеграција апелира до сите страни кои се вклучени во овој историски процес да пристапат рационално кон содржината на предлогот и заедно да ја донесат долгоочекуваната одлука за деблокирање на евроинтегративниот пат на земјата.

„Заедно со партнерите од владината коалиција, опозицијата, Собранието, Претседателството, државните институции, како и медиумите, граѓанското општество, академскиот свет, врз принципите на транспарентност го започнуваме процесот на консултации во кои како никогаш досега се бара зрелост и рационалност, а не субјективен протагонизам за тесни интереси. Демократската Унија за Интеграција останува доследна на своите позиции за решавање на спорот со Бугарија и поради оваа причина цениме дека францускиот предлог е во дозволените рамки на рационален компромис“, додаваат од ДУИ и потсетуваат дека предлогот ја има поддршката од Вашингтон, од Брисел, од Париз, од Лондон, од Рим и другите западни престолнини.