Еврокомесарот Аврамопулос: Продолжете кон остварување на членството во ЕУ

6

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска имаше билатерална средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции на Европската комисија, Димитрис Аврамопулос, кој утре ќе учествува и во работниот дел од министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од регионот.

На средбата со еврокомесарот Аврамопулос, министерот Спасовски, меѓу другото, пренесувајќи ја благодарноста за укажаната доверба нашата земја да биде домаќин на овој значаен собир, ги нотира низата активности што Владата на Република Северна Македонија ги реализира изминативе две и пол години за придвижување на европската агенда на земјата, односно за враќање на земјата на патот на ЕУ.

Притоа, Спасовски потенцира дека се решени непремостливи предизвици, кои на сите им се чинеа како невозможна мисија, и благодарение на силно изразената политичка волја и мотивираност пред нашата држава и граѓаните повторно стои извесната европска перспектива за полноправно наше асоцирање во ЕУ. Покрај ова, министерот Спасовски ја нагласи и важната поддршка од пријателите, членки на Европската Унија, во процесот на евроинтегрирање.

Иако недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ на последниот европски совет објективно претставуваше големо разочарување, сепак од страна на еврокомесарот Аврамопулос уште еднаш беа изразени силната поддршка и охрабрувањето да продолжиме кон остварување на полноправното членство на Република Северна Македонија во ЕУ.