Европската комисија има план за почеток на преговори со С. Македонија и Албанија напролет

8

Владимир Мирчески, известувач на „360 Степени“ од Брисел

Новата Европска комисија и новиот комесар за соседство и проширување, Унгарецот Оливер Верхоли, работат на план кој предвидува реформа на методологијата за пристапниот процес во првите месеци од следната година што би овозможило одлука за почеток на преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија напролет 2020 година.

Комесарот Верхоли презентирал елементи од планот за време на денешниот работен појадок во Брисел со шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, на кој присуствуваа и министрите за надворешни работи на С. Македонија и на Албанија, Никола Димитров и Гент Цекај. Појадокот беше во организација на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендис, како дел од пошироката грчка иницијатива за што поскоро отворање на пристапните преговори со Скопје и со Атина.

Нема детали колку новата методологија на која работи ЕК го зема предвид неодамна презентираниот нон-пејпер од Франција, која во октомври беше најгласна против почеток на преговори со двете земји-кандидатки пред да се реформира методологијата.

Најголем дел од земјите-членки на ЕУ не се против подобрување на методологијата, но сметаат дека тој процес не смее да го кочи почетокот на преговори со Северна Македонија и со Албанија.

На еврокомесарот Верхоли, кој пред десетина дена ја презеде позицијата, ова му е прва средба со претставници на земјите-кандидатки кои во октомври не добија зелено светло за почеток на преговори. Пред појадокот, Верхоли имаше куси средби за запознавање со македонскиот министер Димитров и со албанскиот Цакај.