Екипата од „Медена земја“ му подари мед од Атиџе на премиерот Спасовски

26

Екипата на македонскиот докуметарец „Медена земја“, кој имаше историски две номинации на годинашните Оскари, му подари тегла мед од пчеларката Атиџе Муратова и хероина на филмот, на техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната средба во Владата. Спасовски на членовите на тимот им додели плакета, како знак за признание за историскиот успех, соопшти Владата.

Документарецот, кој од премиерата на филмскиот фестивал Санденс на 28 јануари 2019 освои над 40 награди низ светот, беше номиниран за најдобар странски филм и најдобар документарен филм и е првиот документарец во историјата на Оскарите кој има номинации во обете категории.

На средбата во Владата биле режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и кинематографот Самир Љума, а поради службени обврски не дошол кинематограферот Фејми Даут.

Преку Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се организираат серија едукативни настани, а во соработка со Министерството за култура и Министерството за образование и наука ќе се организираат проекции на „Медена земја“ за сите средни училишта и универзитети.

„Целта на проекциите е понатаму да се афирмираат и пренесуваат благородните пораки на документарниот филм, кој е посветен на приближувањето на еколошките теми, љубовта кон природата, но и односот и почитувањата на семејните врски“, велат од Владата.