Експерти на ЕМА во Москва ја проверуваат руската вакцина

6

Експерти на Европската агенција за лекови (ЕМА) престојуваат во Москва за проценка на вакцината против ковид-19 Спутник V, јавуваат руските медиуми.

Претставници на европскиот регулатор со седиште во Амстердам, кој на почетокот на март ја почна постапката за анализа на руската вакцина, досега посетиле две клиники во Москва во кои престојувале пациенти вклучени во клучната трета фаза на клиничките тестирања.

Експертите на ЕМА разговарале со медицинскиот персонал на двете клиники, јавува руската агенција Интерфакс, повикувајќи се на неименувани извори.

Наводно се планираат и посети на производните погони.

Посетата на експертите на ЕМА на Русија е дел од постапката на анализа и оценка на ефикасноста на вакцината Спутник V.

Во рамки на постапката се анализираат резултатите на клиничките истражувања без оглед на тоа што сè уште не се достапни сите податоци, а не е поднесено ни барање за одобрение.

Засега не е јасно колку би можела да трае целата постапка.

Иако ЕМА сè уште нема дадено зелено светло за Спутник V, Унгарија вакцината ја одобри во итна постапка, а повеќе земји од Европската Унија изразија интерес за постигнување договор со Русија за набавка и производство на таа вакцина.