Експертски предупредувања: Цената на нафтата може да порасне и до 380 долари за барел

1

Додека порастот на цената на нафтата како резултат на руската инвазија на Украина веќе ја загрозува економската, политичката и социјалната стабилност ширум светот со предупредувања за рецесија, аналитичарите предвидуваат дека цената на „црното злато“ може дополнително да се зголеми, повеќе од три пати во споредба со сегашните цени , пишуваат светските медиуми.

Аналитичарите на „ЈП Морган Чејс“ предупредија дека глобалните цени на нафтата би можеле да достигнат „стратосферски висини“ со околу 380 долари за барел доколку Русија одговори на американските и европските санкции со намалување на производството на нафта, пишува американскиот магазин Блумберг.

Членките на земјите од Групата седум (Г7) размислуваат за механизам за ограничување на цената на руската нафта во обид да ја спречат воената машина на Владимир Путин во Украина.

Од друга страна, аналитичарите на „ЈП Морган Чејс“ проценуваат дека со оглед на силната фискална позиција на Москва, Русија може да си дозволи да го намали дневното производство на сурова нафта за пет милиони барели без прекумерна штета на економијата.

За остатокот од светот, сепак, тоа би можело да биде катастрофално, бидејќи аналитичарите проценуваат дека намалувањето на производството од три милиони барели дневно ќе ги поттикне референтните цени на нафтата во Лондон до 190 долари за барел, додека најлошото сценарио доколку се намали за пет милиони барели руското производство тоа би можело да значи дека цената на нафтата би можела да достигне и неверојатни 380 долари за барел.

Глобална енергетска криза полоша од 70-тите?
Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), Фатих Бирол, предупреди дека светот е во „црвена тревога поради економска рецесија“ бидејќи цените на енергијата растат, што создава глобална инфлаторна криза, пишува британски „Тајмс“.

Бирол вели дека сегашната ситуација е „првата глобална енергетска криза“, полоша од нафтениот шок во 1970-тите, бидејќи вклучува и нафта и гас и електрична енергија во едно.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници минатата недела се договорија да го зголемат производството за 648.000 барели дневно.
Додека аналитичарите предвидуваат дека цената на барел нафта може да скокне од околу 110 на 380 долари, Бирол посочуве дека (ИЕА) ги повикала Саудиска Арабија и другите членки да го зголемат производството, посочува лондонскиот весник.

„Потребни ни се земјите кои имаат резервен производствен капацитет да му кажат на светот дека ќе бидат подготвени да донесат повеќе нафта на пазарот. Саудиска Арабија докажа дека е одговорен извозник. И се надевам дека уште еднаш ќе ја покаже својата конструктивна улога во овие тешки денови – рече Бирол.

Иако Г7 и ИЕА се согласија да ги истражат ограничувањата на цените на руската нафта за да ги намалат приходите на Москва, критичарите, според Тајмс, предупредуваат дека веројатно нема да успее без поддршката од земји како Кина и Индија. Самиот Бирол посочи дека „тоа не може да се случи само како резултат на дејствувањето на земјите од Г7“.