Експратеникот Димков: Ниту од Јанакиески ниту од Ристовски не сум добил СМС „сите членови доаѓајте пред Собрание…“

5

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот собраниски состав Трајчо Димков, во Основниот кривичен суд во Скопје денеска во својство на сведок тврдеше дека на 27 април 2017 година не добил порака од ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се меѓу обвинетите за настаните од „крвавиот четврток“.

Одбраната му постави две прашања во врска со пораките. Едното беше дали од Јанакиески или од Ристовски добил СМС-порака со содржина: „Сите членови доаѓајте пред Собрание, сега е моментот“.

„Не“, кусо одговори експратеникот и додаде дека тој ден добивал пораки од неговото семејство кое било загрижено за ситуацијата. Тој негираше и дека добил порака со содржина или информација да го мобилизира членство за да се тргне со организиран превоз кон Скопје.

Димков негираше дека во партијата во штипскиот огранок или во пратеничката група имало некаков план за насилство или за организирано присуство на протестите „За заедничка Македонија“.

Тој во Основниот кривичен суд во Скопје сведочи по предлог на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, па голем дел од прашањата кои ги доби се однесуваа на водењето на конститутивната седница од тогашниот претседавач. Тој за работата на Вељаноски говореше само со пофални зборови, велејќи дека е пример како се работи деловнички.

„Колку што успеав да го запознаам, почесно и поделовничко работење немало. Треба да се следи примерот како работи тој“, рече Димков.
Слични искази, дека Вељаноски не го прекршил собранискиот Деловник, во судница досега се слушаа од сите пратеници од минатиот состав ма ВМРО-ДПМНЕ кој тој ги предложил.