ЕК го одобри нашиот дигитален сертификат за ковид-19

5

Европската комисија вчера го одобри нашиот дигитален сертификат за ковид-19. Нашата држава, како што информира Министерството за здравство, е прва во регионот за која сертификатите за ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

– Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против ковид-19 одобрени од ЕУ, соопшти Министерството.

Од Министерството вчера, меѓу другото, потенцираа дека стручните препораки во однос на имунизација против ковид-19 се дефинираат водејќи се од потврдени и прифатени податоци и докази кои потекнуваат од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести како Европскиот и Американскиот Центар за инфективни заболувања (CDC и ECDC), од регураторните медициски агенции ЕМА и ФДА и од СЗО.

Препораките од сите овиe организации е дека за комплетна имунизација против ковид-19 потребно е добивање на две дози (со исклучок на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примање на втората доза.

– Прележувањето на ковид-19 не преставува пречка за вакцинација и лицата кои ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат, наведуваат од здравство.

Една од препораките е и дека временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку месец дена. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата.

Кај лицата кај кои во тек на лекувањето дадена е терапија со моноклонални антитела или конвалесцентна плазма, вакцинацијата може најрано да биде по три месеци од терапијата и комплетно оздравени од болеста.