ЕК: Значаен напредок, зголемени напори и исполнети услови за старт на преговори со Северна Македонија

4

Во Извештајот на Европската комисија за исполнувањето на условите за преговори, кој е основата врз која земјите членки на ЕУ треба да одлучат овој месец дали ќе дадат зелено светло за нивно започнување, се оценува дека Северна Македонија остварила значаен напредок во сите области и му препорачува на Советот да донесе позитивна одлука.

Извештајот треба да се објави најрано денес, а најдоцна до крајот на оваа недела. МИА доби пристап до овој кус документ во кој Европската Комисија го разгледува напредокот во клучните реформски области што ги бараат земјите членки.

Документот заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Северна Македонија. Општо земено, Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“.

Оттука, Европската комисија порачува дека оценката од 2019 не е променета и дека Северна Македонија треба да започне преговори со ЕУ.

Извештајот е фокусиран на судските реформи, судењата за висока корупција, вклучително и случајот со СЈО, безбедносните реформи и реформите во јавната администрација.

Европската комисија смета дека се преземени потребните мерки за зајакнување на независноста на судството и земјата се усогласила со сите европски и меѓународни препораки.

Меѓу успесите се набројани разрешувањето на шестмина судии, вклучително претседателот на Врховниот суд, додека предметите од СЈО се префрлени во редовното Јавно обвинителство, каде се гарантира континуитет на истрагите, стои во документот на ЕК. Законот за ЈО е донесен со двотретинско мнозинство по „интензивни дебати меѓу политичките партии“, ги информира ЕК земјите членки.

Земјата „продолжила со проактивни истраги“ и пресуди за корупција, вклучително и висока корупција, оценува ЕК и бара да се продолжи по тој пат. Европската комисија забележува дека поради скандалот со Рекет и СЈО, одредени предмети застарија.
Работата на комисијата за спречување на корупција (ДКСК) и нејзиното формирање се поздравуваат во извештајот. ДКСК работи проактивно и без разлика на политичката припадност, иако не сите предмети од ова тело се проследени, главно поради процедурални проблеми помеѓу институциите.

Добар напредок е остварен во реформата на безбедносните и разузнавачките служби, смета ЕК во извештајот, реформите препорачани од експертите се финализирани, ОТА е оперативна и усвоени се „солидни процедури“.

Во делот на јавната администрација, напредокот продолжува, и Европската Комисија потсетува дека од суштинска важност да се обезбеди професионалноста и независноста на јавната администрација.

– Во тој поглед, од огромна важност е Владата и ДКСК да продолжат да преземаат мерки за сите наводи за непотизам и вработувања кои не се засноваат на заслуга, вели ЕК.