Ембла е вратена во класот со децата чии родители бараа да се тргне од настава

3

Министерот за образование Јетон Шакири, лично му ветил на таткото на 11-годишната Ембла, дете со Даунов синдром, дека ќе го реши проблемот кој ја разбранува македонската јавност. Имено, родителите на другите ученици од ОУ „Башкими“ во Гостивар ја бојкотираа наставата бидејќи не сакаа Ембла да седи на настава со нивните деца, под изговор дека девојчето било агресивно.

Министерот Шакири предмалку на Фејсбук објави дека Ембла од денеска повторно ќе продолжи да учи во класот и дека нема да биде изолирана.

„Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста да се врати во училиште на првиот ден од второто полугодие зашто, за жал, во нашето општество има уште стереотипи и предрасуди за луѓето со посебни потреби. Но, на мое лично задоволство и на задоволство на нејзиното семејство денеска таа е повторно меѓу соучениците и екстремно среќна да продолжи да учи, да напредува и да создава пријателства со нејзините соученици. Среќата во очите на Ембла е наша споделена среќа. Победа на општеството и вистинските човечки вредности. Посакувам такви случаи никогаш да не се случат пак. Затоа мора да продолжиме да придонесуваме за свесноста за децата со попречености. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат подеднаков пристап до квалитетно образование како и секој друг. Тоа е фундаментално право“, напиша Шакири.

Илир Адеми, таткото на Ембла, во изјава за Слободен печат вели дека е револтиран од тоа што неговата ќерка била изолирана и неприфатена во образовниот процес.

Уште пострашно е, тврди Адеми, што 11 мајки на други деца поднеле петиција до директорот дека нивните деца ќе ја бојкотираат наставата, ако Ембла не биде отстранета и не учи изолирано, во посебна просторија.

-Ние сме навикнати, но револтот ескалираше. Осум години имаме проблеми. Уште од градинка секогаш ја изолираа. Се правдаа дека освен што има Даунов синдром, има и послаб слух и кога ќе сака да привлече внимание на некое дете и да го привлече, пуштала рака кон него. Но, не го тепа. И тоа беше причина и во градинка секогаш да имаме проблеми. Треба да се работи на еманципацијата. Слушам за некои примери во Германија, таму поинаку се однесуваат. Ние имаме закони, ама не работиме како што треба, вели Адеми кој е професор по музичко и кој самиот се занимава со музикотерапија за да им помогне на другите деца со Даунов синдром.

Тој вели дека Ембла е четврто одделение и учела во три паралелки.

-Врвот дојде и веќе како родител не можев да трпам повеќе. Ќерка ми ја ставија да учи во смени, две недели во една, две недели во друга, две недели во трета паралелка. Министерството за образование има концепција за инклузивност и училиштата треба да се подготвени за неа, но за жал ние имаме такви институции кои не ги прифаќаат овие промени баш најдобро. Така што ќерка ми, од почетокот на годината доби назначен образовен асистент од министерството. Но, проблемот настана во ноември кога мајки на деца во паралелката со петиција до директорот ургирале да ја извадат ќерка ми од паралелката зашто им пречела во наставниот процес, ги задевала другите ученици. Тоа не е вистина, зашто ќерка ми е постојано со образовниот асистент од почеток до крај на часовите и тој би алармирал ако е така, објаснува Адеми.

Состојбата ескалирала кога пред крајот на првото полугодие од управата на училиштето била донесена одлука само на два или три часа Ембла да биде со паралелката, а останатото време да учи сама со асистентката во одвоена просторија, импровизирана сала со бина, за приредби. Салата била голема и лошо затоплена.

-Салата е без греење и во многу тешки услови. До крајот на првото полугодие чекав да се освестат овие родители, но не се случи тоа. Така што го прашав директорот кај ќе учи ќерка ми од второ полугодие и откако ми кажа дека ќе учи во изолираната сала, решив да не ја носам малата во училиште. Само вчера ја однесов зашто знаев дека ќе дојдат новинарите, па директорот ја стави за пред камери да учи во училница со другите деца, вели Адеми.