Ердоган: Ако само уште еден војник биде повреден, Турција ќе ги нападне сириските сили

11

Турција ќе ги нападне силите на сириската влада каде било во Сирија ако уште турски војник биде повреден, можно е и од воздух, порача денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган во Анкара кажа дека Турција е решена до крајот на февруари да ги потисне силите на Дамаск зад турските набљудувачници во северозападната покраина Идлиб.

„Тоа ќе го направиме на кој било начин, или од воздух или од земја“, кажа претседателот на Турција.

Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Ердоган, разговарале денес телефонски за Сирија, односно за растечките тензии во провинцијата Идлиб, соопшти Кремљ.

Ердоган и Путин се согласиле дека е неопходно целосно да се исполнат руско-турските договори за Сирија.

„Двајцата лидери разговараа за разните аспекти на активностите чија цел е решавањето на сириската криза“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Во соопштението се истакнува дека разговорот го иницирала Анкара.