Ескобар: Убеден сум дека Србите на северот на Косово нема да видат никаква промена на 1 септември

7

Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска во Белград изрази уверување и надеж дека Србите на северот на Косово нема да видат промени во нивните животи на 1 септември, кога владата во Приштина ќе објави почеток на спроведувањето мерки на реципроцитет, јави Бета.

Ескобар утринава изјави дека неговата надеж е Србите на северот на Косово „суштински нема да станат гости во сопствената земја“, дека „тие ќе бидат признати како легитимни граѓани и на Србија и Косово“ и дека „ќе продолжат да живеат мирно“.

Тој синоќа имаше разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.

„Тоа е моето очекување и мојата надеж. Уверен сум дека тоа може да го постигнеме“, изјави тој.

Ескобар додаде дека на секоја средба со косовските претставници во Приштина оваа недела, тој и Лајчак укажувале на неопходноста од спроведување на сите потпишани договори во бриселскиот дијалог.

„Мора да се спроведат сите елементи на дијалогот, вклучително и формирањето на Заедницата на српските општини. Ова е пораката што многу јасно и ја пренесовме на косовската влада оваа недела во Приштина и за време на неодамнешната посета на премиерот (Албин) Курти и претседателот (Вјоса) Османи во Вашингтон“, додаде американскиот дипломат.

Ескобар рече дека „нема рокови“ за формирање на Заедницата на српските општини, но додаде дека САД очекуваат „многу наскоро за тоа да се разговара во рамките на дијалогот“.

„Тоа не значи дека мора да се постигне договор, туку дека треба да се разговара за ЗСО за можните модалитети на имплементација“.

Тој неколкупати повтори дека САД не се дел од дијалогот, но силно го поддржуваат бидејќи „тие веруваат дека тоа е канал за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите што ќе ја отклучи европската иднина на двете земји”.

„Целта на моето доаѓање е да го поддржам дијалогот со посредство на ЕУ, со цел да се најде начин за предизвикувачките прашања за регистарските таблички и влезно-излезни документи“, рече Ескобар.

Според него, синоќешниот разговор со Вучиќ бил тежок „бидејќи двете страни треба да се согласат на многу компромиси“ и „бидејќи има голема разлика во ставовите меѓу учесниците во преговорите“.