ЕУ мобилизира помош за справување со поплавите во Германија и Франција

9

Во рамки на својот Механизам за цивилна заштита, ЕУ организира испраќање помош во реоните зафатени со поплави во Германија и Франција, јави дописникот од Брисел.

Обилните врнежи што деновиве зафатија делови од западна и централна Европа предизвикаа излевање на реките и поплави во германските покраини Долна Саксонија и Тирингија и во северните француски региони Норд и Па де Кале.

Како дел од активностите на ЕУ, во Германија веќе заминале француски стручни лица за поставување бариери за спречување поплави со 16 возила, додека во Франција се испратени модули за испумпување вода од Холандија, Чешка и Словачка.

Дополнително, во случај на потреба, своја помош понудиле и Австрија, Словачка, Словенија, Унгарија и Шведска.

Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич упати благодарност до сите земји што брзо ја понудиле својата поддршка, нагласувајќи дека тоа покажува оти солидарноста на ЕУ не е поколебана.

– Брзата и решителна помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за регионите погодени од поплавите во Германија и Франција уште еднаш ја докажа силата на единството, изјави Ленарчич.