ЕУ: Хрватска ги исполнува условите за влез во Шенген

6

Државите членки на Европската Унија го усогласија денес текстот на заклучоците со кои потврдуваат дека Хрватска ги исполнува сите услови за примена на шенгенските правила, што го отвора патот за конечна одлука за влез во просторот без контрола на внатрешните граници на Унијата.

Усогласениот текст на заклучоците денес формално го усвоија министрите за внатрешни работи на државите членки без расправа.

„Хрватска ги исполни сите потребни услови за примена на сите делови на шенгенските правни текови“, се наведува во текстот на заклучоците. Така се создадени предусловите за да се донесе одлука за пристапување на Хрватска, што овозможува укинување на внатрешните гранични контроли.

„Со цел пристапување на Хрватска во Шенген, се повикува Хрватска да продолжи доследно да ги спроведува шенгенските правни текови и обврските поврзани со нив“, се наведува.

Овие заклучоци се процедурално нужен услов за донесување на одлуката за влез во шенгенскиот простор и отстранување на граничните контроли на хрватската копнена граница со Словенија и Унгарија и аеродромите и пристаништата.

Конечната одлука за влез во Шенген зоната би можела да се донесе за околу шест месеци за време на француското претседателство, а за тоа е потребна согласност од сите држави на шенгенскиот простор.

Усвоените заклучоци не значат дека одлука за влез во Шенген е загарантирана бидејќи се одлучува едногласно и не може да се исклучи дека некоја од членките нема да ја блокира одлуката. Заклучоците за спремност за Шенген за Бугарија и Романија се усвоени уште во 2011 година, но двете земји сè уште се надвор од зоната.