Жените во Кабул за 48 часа исчезнаа од улиците

7

Улиците во главниот град на Авганистан, Кабул изминативе денови изгледаат како ништо да не се случило. Така се однесува и народот, кој најнормално си ги врши своите секојдневни активности. Но, едно нешто е различно откако талибанците го презедоа Кабул, а тоа е недостатокот на жените во јавноста, пренесува Си-Ен-Ен.

Иако талибанците многу пати велеа дека жените ќе имаат права и дека нивната слобода ќе биде загарантирана, авганистанските жени се уште живеат во страв од талибанците и не сакаат да го ризикуваат својот живот.

„Размислувам за себе, за моите ќерки, што ќе се случи ако тие ме убијат. Две ќерки ќе останат без мајка“ изјави неименувана Авганистанка за Си-Ен-Ен.

Интересно е што во Кабул деновиве бил забележан раст во продажбата на бурките. Бурката го покрива целосно телото, со мрежа на очите.

Најчесто бурките ги купувале мажите за нивните сопруги, ќерки, мајки и слично, во обид да ги заштитат од потенцијални напади на талибанците.

Талибанците инсистираат дека животот во Авганистан по нивното преземање ќе се одвива нормално, повикувајќи ги работниците да се вратат на нивните работни места. Но, сепак кај авганистанскиот народ постои некаков страв и скептицизам.

Талибанските војници кои го патролираат Кабул можеби не наметнуваат строги правила врз Авганистанците, но сепак кај нив постои страв дека тоа може во било кој момент да се случи.