Жени и деца заробени во Мариупол, потребно е примирје за нивно излегување

2

Цивилите, вклучувајќи жени и деца, остануваат заробени во југоисточниот град Мариупол и потребно е примирје за да се обезбеди нивниот излез, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Русија тврди дека ќе го запре нападот на фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, каде што се последните украински борци и каде се околу 200 цивили. Тридневниот прекин на огнот наводно започнува денеска, иако претходните прекини на огнот имаа различни резултати, пренесуваат медиумите.

– Украинските бранители водат тешки, крвави битки против руските војници внатре во фабриката за челик – изјави командантот на Азовскиот полк.

Зеленски посочи дека е потребна тешка механизација за да се извлечат луѓето од подземните засолништа, но дека тоа било невозможно за време на борбите.

Повеќе од 300 цивили беа евакуирани во средата од Мариупол и другите делови на јужна Украина, соопштија ОН.

Руските ракетни напади продолжуваат низ Украина додека Москва се обидува да го спречи снабдувањето со залихи оружје и опрема за украинските војници кои се борат против Русите во источниот регион Донбас, јавува Би-би-си.