Жолт картон од Трамп за шефот на кабинетот Марк Медоуз поради изјавите за неговата здравствена состојба

40

Американскиот претседател, Доналд Трамп му бил многу лут на шефот на кабинет на Белата куќа, Марк Медоуз, затоа што ги демантирал тврдењата на медицинскиот тим на Белата куќа за неговата здравствена состојба.

„Си-Ен-Ен“ дознава дека Медоуз, од два извора е опишан како „доверливиот анонимен извор во Белата куќа”, во неформален разговор со новинарите изразил проценки за здравствената состојба на Трамп што се разликуваат од оние официјалните што медиумите ги добија од воениот лекар Џон Конли.

Медоуз во саботата во неформален разговор со група новинари рече дека здравјето и виталните функции на претседателот Трамп во последните 24 часа се причина за загриженост и дека следните 48 часа ќе бидат од критично значење за негово закрепнување.

– Претседателот сè уште не е на пат кон целосно закрепнување, изјавил Медоуз пред новинарите, пренесоа повеќе американски медиуми.

Со намера да се избегнат дополнителни контроверзи по ова прашање, вработените во Белата куќа потоа продолжија да зборуваат за здравјето на претседателот во избрани термини и со многу поумерен тон.

„Си-Ен-Ен“ јавува дека Трамп е незадоволен од Медоуз како шеф на кабинет на Белата куќа и верува оти го нарушил кредибилитетот на официјалните комуникации за здравјето на претседателот по неговото префрлување во воената болница „Валтер Рид” во близина на Вашингтон.