Задолжително неделно тестирање за невакцинираните, во Грција нови мерки против коронавирусот

6

Во Грција стапија во сила новите мерки против коронавирусот и истите според најавите, ќе траат до 31 март, а ќе вклучуваат задолжително неделно тестирање на луѓе кои не се вакцинирани, додека условите за пристап до одредени затворени простории се вакцинација или негативен тест за коронавирус.

Според новите прописи, сите работници во приватниот и јавниот сектор кои немаат потврда за вакцинација или сертификат за прележан коронавирус ќе треба да се тестираат еднаш неделно.

Два теста неделно ќе бидат потребни за луѓе кои работат во академии, туризмот, рестораните и кафулињата, како и студентите.

Тестирањето ќе се врши во приватни институции и трошоците за тестирање ќе бидат 10 евра, освен за учениците од училиштата кои ќе имаат право на бесплатни тестови.

Невакцинираните лица ќе можат да одат во кина, театри, музеи и спортски сали, со потврда за негативен брз тест во последните 48 часа, а институциите ќе имаат право да ги прифатат само вакцинираните клиенти доколку тие посакаат.

Маските ќе бидат задолжителни за сите во затворени простории и надвор и во гужва на отворено.

Потребен е сертификат за вакцинација, прележан Ковид-19 или негативен тест за коронавирус во последните 48 часа за патување со авион, воз, брод или автобус на долги релации за сите лица над 12-годишна возраст.

„Ако се спроведат правилата, треба да го избегнеме она што се случи во октомври минатата година“, рече експертот за заразни болести Гкикас Маргиокинис минатата недела.

Од почетокот на пандемијата во Грција има 615.157 потврдени случаи на коронавирус од кои 14.169 се смртни случаи.