Заев: ВМРО-ДПМНЕ, ако не гласа за законот за ЈО, барем да не го блокира

14

Лидерот на СДСМ откри дека, во последната верзија на законот, по сугестија на независните пратеници, незаконски прислушуваните материјали во периодот до 2015 година нема да бидат основа за обвинение. Регулирано е и што со предметите до 30 јуни 2017 година, а што со истрагите после тоа

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави за денеска седница на владата на законот за јавно обвинителство и рече дека се надева дека е обезбеден минимумот од 80 гласови за негово донесување пред распуштање на парламентот. Тој исто така нагласи дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира со амандмани донесувањето на законот, за што била постигнат договор меѓу партиите во однос на предизборните законски решенија.

„Правиме се парламентот да работи во полн состав за да можеме да очекуваме повеќе од 80 пратеници или минималното двотретинско мнозинство. Планирано е веќе денеска да има седница на влада, за да можеме да ги фатиме последните три дена, согласно законите со европско знаме и да може да завршиме навремено со распуштање на парламентот“, изјави Заев

Вечерва седница на владата за законот за ЈО?
Тој проценува дека, ако законот за ЈО биде донесен на вечерашната владина седница и биде испратен во парламентот, тогаш уште утре ќе може да се сработата сите процедури во законодавниот дом. Во однос на можноста ВМРО-ДПМНЕ да поднесе предлог амандмани, Заев рече дека затоа е преговарано пред изборот на техничката влада, за да нема такви блокади.

„ Реков дека парламентот може да го одложи распуштањето ако некој се обиде да блокира одредени законски решенија. Верувам дека ги отстранивме сите можности за блокирање преку амандмани со тоа што правевме напори сите заедно да разговараме уште пред усвојувањето на законот во влада“, изјави Заев.

Тој ги повика сите политички партии, вклучително и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на разумност и одговорност за навистина да се донесе оваа одлука.

„ Создадовме решение што верувам дека заслужува консензус во парламентот. Уште еднаш испраќам директна покана до Христијан Мицкоски и повик ВМРО-ДПМНЕ да учествува во овој закон, затоа што се што бараа во овој период, низ разговорите кои две години се водат, е веќе вградено. Имаме законско решение што дефинитивно ќе и помогне на нашата држава на патот кон ЕУ, но и дефинитивно ќе им помогне и на нашите граѓани да дочекаат правна држава“ изјави Заев.

Што ќе биде со „бомбите“
Како што објасни, последното решение ги опфаќа предлозите од работните групи. Во нив е вграден нормативот на години стаж на јавниот обвинител во ЈО, соодветната употреба на јазици во државата, сите сугестии кои дојдоа од Алијанса на Албанците, од Алтернатива, од БЕСА, сето тоа што е разговарано е веќе потврдено и вградено во самиот закон.

„Благодарение на независната пратеничка група се вградени механизми кои верувам дека ги ставаат сите во посигурна состојба за да име едно вакво решение, а тоа е дека незаконските прислушувани материјали во периодот 2008 – 2015 година не може да бидат основа за обвинение. Целосно е регулирано во законското решение што со предметите до 30 јуни 2017 година, што со истрагите после тоа“, изјави Заев

И Спасовски очекува 80 гласа
Техничкиот премиерот Оливер Спасовски, исто така, смета дека до распуштање на Собранието има простор за донесување на законот за јавно обвинителство, но и на сите други законски решенија што се потребни во насока на исполнување на обврските, асо цел добивање датум за преговори со ЕУ.

Тој вели дека се уште се работи на усогласување на ставовите за закон за јавно обвинителство, затоа што тоа е важно за европската перспектива на Северна Македонија.

– Многу е важно секој политички субјект, сите пратеници во Собранието, да бидат на висината на сопствената одговорност и се уште сметам дека таа одговорност што ја имаат пред се пратениците пред граѓаните ќе преовладува пред секој личен партиски или не знам каков друг интерес. Јас очекувам дека ќе има можност и ќе создадеме парламентарно мнозинство кое ќе го поддржи новиот закон за ЈО“, рече Спасовски.