Заев: Гоце Делчев е обединувачки симбол на македонската независност

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по повод 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев напиша дека тој претставува обединувачки симбол на македонската независност.

40

„Денеска горди оддаваме чест на 117-годишнината од трагичната смрт на македонскиот апостол Гоце Делчев – лидерот кој обединува, а не разединува.

Додека беше жив, Гоце Делчев беше срцето на македонската револуционерна организација која се бореше за полна политичка автономија на Македонија и на Македонците.

По неговата трагична смрт, Гоце Делчев стана срцевината на политичката идеја за македонската независност и неприкосновен идол на генерации Македонци кои се бореа за остварување на таа идеја. Борците од Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ кои го кренаа востанието за народно ослободување носеа значки од Гоце Делчев на реверите и капите, а борците од бригадата „Гоце Делчев“ учествуваа во ослободувањето на Штип и Тетово.

И чествувањето на Гоце Делчев треба да обединува исто како што обединуваше Гоце Делчев како водач на македонското револуционерно дело.

Ние денеска се поклонуваме пред моштите на Гоце Делчев во црквата Св. Спас, каде што беа свечено пренесени од Софија, откако неговите другари оставија аманет до следните поколенија „светите мошти да бидат погребани во главниот град на независна Македонија“.

Аманетот беше исполнет и ние денес, во современа Северна Македонија и пошироко, со чествувањето на делата на Гоце Делчев, ја чествуваме и идејата за широки права на населението“, напиша Заев на социјалните мрежи.