Заев за доверливите материјали најдени во домот на пратеничката: Не сум ѝ дал докази на Ременски за „Монструм“

15

Поранешниот премиер, Зоран Заев тврди дека не му е познато дека кај пратеничката Фросина Ременски имало метеријали од случајот „Монструм” како и дека тој на неа не и предал докази за петкратното убиство. Редакцијата на МКД.мк претходно објави дека во домот на осомничената Ременски биле најдени доверливи документи, а меѓу нив според неофицијални информации најдени биле доверливи документи од случаите „Монструм”, „Диво Насеље” и преписки на поранешните први луѓе на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР.

Овие информации вчера се најдоа и на листата на прашања на адвокатката Дафинка Ивановска која е законски застапник на родителите на убиените момчиња кај Смилковското езеро. Таа на поранешниот премиер Заев му постави прашање дали му е познато дека кај Ременски имало материјали од „Монструм“ и кој би можел да и ги даде без наредба?

На ова Заев како сведок пред судот одговори дека не му е познато дека во домот на пратеничката биле најдени документи, како и дека тој не и давал материјали на Ременски за случајот „Монструм“.

Заев пред судот вчера рече дека се што тој имал како доказ за „Монструм“ предал во СЈО, како и дека од неговиот увид во снимките заклучил дека немаат континуитет, односно дека луѓето во МВР не можеле секогаш да земаат копија и да му ја достават.

„Од увидот во материјалите може да се забележи дека тие немаат континуитет од 2008 до 2014 година, односно луѓето во МВР не можеле секогаш да земаат копија и да ја достават до нас. Имаше периоди на цели месеци за кои воопшто немаше разговори од тој пакет од комуникациите и не секогаш можеше да се утврди дали е законско следење или не. Некаде можеше да се види дека има издадени наредби од Судот или од Обвинителството, но не секогаш“, појасни сведокот Заев.

Тој вчера околу два и пол часа беше сведок во „Монструм“.