Заев: Следи голема трансформација, бидете коректив, но и партнер

10

По изборот на новата Влада, премиерот ги повика сите граѓани да се приклучат кон најинтензивната македонска европеизација

Со 62 гласа „за“ и 51 „против“ синоќа пред полноќ беше избрана новата Влада на Северна Македонија, која во втор мандат ќе биде предводена од премиерот и лидер на социјалдемократите, Зоран Заев. По свечената изјава што ја дадоа министрите и по нивните први заеднички фотографии во две варијанти – една под маски, друга без маски, премиерот пред медиумите даде изјава во која ги потенцираше вредностите и принципите од кои ќе се раководи неговиот Кабинет во следниот четиригодишен мандат. Најпрво им се заблагодари на пратениците од демократското мнозинство кои ја дале довербата на новата Влада и вети дека ќе дејствуваат со сите ресурси за да ја оправдаат укажаната доверба пред граѓаните.

„Северна Македонија доби нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, согласно со интересот на граѓаните и државата. Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата, како и надминувањето на последиците од корона-кризата и враќање на претходните стапки на економски раст“, рече премиерот Заев.

Тој најави дека ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет, кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците пред есенскиот налет на корона вирусот.

Во првите месеци од мандатот, според премиерот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна правна држава.

„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните“, изјави премиерот.