Зарабец: Македонците се луди по ракомет, секогаш е тешко да се игра во Скопје

0

Ракометарите на Кил полни со почит пристигнуваат во Скопје, на утрешниот дуел со Вардар во новата рунда од Лигата на Шампионите. „Зебрите“ не се наоѓаат во најдобра форма, во последното бундеслигашко дерби загубија на домашен терен од Магдебург, но ќе мора да ја надминат кризата доколку сакаат да стигнат до бодови во СЦ „Јане Сандански“.

Кил славеше на последното гостување во Скопје со убедливи 20-31, но Миха Зарабец ги предупредува своите соиграчи дека „зебрите“ нема да имаат нималку лесна задача на утрешниот дуел.

„Вардар заостанува само два бода зад нас, овој тим игра добро сезонава. Знаеме колку е тешко да се освојуваат бодови во Скопје, Македонците се луди по ракомет, атмосферата во салата секогаш е „жешка“. Ние победивме таму лани, што ќе биде само мотив повеќе за Вардар да сака да се реваншира. Нема да ни биде лесно, но сакаме да ги освоиме бодови. Јас лично со нетрпение го очекувам натпреварот бидејќи уживам да играм во специјална атмосфера како што е тоа секогаш случај во Скопје“, изјави Зарабец.