38-годишната жена што е заразена со новиот коронавирус и се наоѓа во болница во Солун не е јавно именувана, но грчките медиуми ја идентификуваа како добро позната дизајнерка што отпатувала во северна Италија за да присуствува на модната недела во Милано.
Таа во неделата долетала во Солун и во вторникот се пријавила во болница откако почнала да не се чувствува добро.
За дизајнерката, која била и кандидатка за јавна функција, се вели дека отпатувала во Милано со група новинари и неколку советници од градското собрание. Досега 15 лица – вклучително и членови на нејзиното семејство – се ставени во двонеделен карантин, но во тек е истрага за тоа со колку лица таа стапила во контакт.
Човек што летал со неа за Лајв њуз рече дека авионот бил „преполн“ и дека жената „изгледаше добро, не сфативме дека нешто не е во ред со неа“.
Грција назначи 13 државни болници за прифаќање на пациентите со ковид-19. Министерот за здравство Василис Кикилиас, кој ги забрани отсуствата за сите медицински работници и лекари, се очекува утре да отпатува во Солун.
По Бразил, Пакистан, Македонија, Грција, Грузија и Алжир, Норвешка вечерва стана седмата земја што денеска го пријави првиот потврден случај на коронавирус.
Норвешката агенција за јавно здравје потврди дека едно лице е тестирано позитивно на коронавирусот, пренесе Ројтерс.
Лицето е задржано дома во изолација, откако се вратило од Кина кон крајот на минатата недела, рекоа властите. Тоа прво не се чувствувало болно и се смета дека е малку веројатно дека заразило други лица, соопшти агенцијата.