Засега нема кризна состојба поради струјата, цената нема да се зголемува, количините се осигурени

13

Засега нема потреба од прогласување на кризна состојба поради состојбите на пазарот на струја, оценила Комисијата која е во состав на Министерството за економија и во која покрај министерот, се и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.

Како што изјави денес на прес-конференција Министерот за економија Крешник Бектеши, цената на струјата за домаќинствата нема да се менува, а до крајот на годинава се обезбедени и неопходните количества електрична енергија, како за домаќинствата, така за малите потрошувачи. Инаку, како што соопшти Бектеши во моментов е вклучен и вториот блок на РЕК Битола, а ако има потреба ќе се активира и третиот блок, како и ТЕЦ Неготино. Во моментов, домашното производство на електрична енергија е 300 мегавати, а вкупните потреби се 500 мегавати, рече Бектеши.

„Детално разговаравме со сите чинители во енергетскиот сектор во земјата, вклучувајќи ги ЕСМ, МЕПСО, ЕВН, Регулаторна комисија за енергетика и согласно сите анализи и информации кои беа произнесени од енергетските компании и другите институции, не е прогласена кризна состојба во земјава“, рече Бектеши на прес- конференција по состанокот на Комисијата.

„Сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годинава нема да има зголемување на цената на електричната енергија имајќи во предвид дека цените се веќе утврдени, а Владата токму за ова презеде и предвремени мерки како што беше намалувањето на ДДВ“, додаде тој.
Бектеши рече дека доколку поминел законот кој беше предложен од Министерството за животна средина во делот на еколошката такса, сега ќе можеше да се вбризгаат повеќе средства кои би се користеле во енергетските компании, додавајќи дека се подготвуваат слични мерки.