Захарова: Донацијата на тенкови од Северна Македонија за Украина е голема грешка

5

Москва смета дека донацијата на тенковите Т-72 од властите на Северна Македонија за Украина е голема грешка, изјави во вторникот Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, пренесува ТАСС.

„Со својот поданички однос кон НАТО, Скопје учествува во снабдувањето со оружје на Украина, со што придонесува за криминалната активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“,нагласи Захарова и додаде дека тоа само ќе ја влоши ситуацијата.

Откако минатата недела на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа транспорт на тенкови, од македонското Министерството за одбрана за „360 степени“ потврдија дека станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина.

Од Министерството рекоа дека станува збор за трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања, а дополнително за нивно уништување во земјава ќе се потрошат пари што, како што велат, е нецелисходна активност за нашата армија.

Од МО уште посочија и дека согласно владините одлуки во неколку наврати ѝ е донирана воена опрема на Украина и дека тоа било во координација со сојузниците.