Зајакната соработка со САД и Кина, продолжување на проширувањето на ЕУ и спроведувањето на Зелениот договор, приоритети на ПЕС за Евроизборите

8

Зајакнување на соработката на ЕУ со Вашингтон и Пекинг, продолжување на чекорите за проширување на Унијата, имплементацијата на Европскиот зелен договор според предвиденото темпо и создавање на „Зелен социјален договор“, се меѓу приоритетите наведени во Предлог-програмата на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) за изборите за Европарламентот во јуни годинава.

Изборниот манифест на ПЕС треба да биде усвоен на Изборниот конгрес на партијата, закажан за 2 март во Рим, до кога тој е предмет на расправа меѓу националните партии членки.

Во документот, како што јави дописникот од Брисел, поголем фокус се става на надворешната политика на ЕУ, особено во заложбите за „обнова на договорите за соработка со трети земји“.

– Ќе ја зајакнеме соработката на ЕУ со САД и Кина, ќе изградиме ново рамноправно партнерство со глобалниот југ, кое ќе вклучува и нова Прогресивна агенда меѓу ЕУ и Латинска Америка и Партнерство меѓу Африка и ЕУ во сферата на економијата, зелената енергија, климатските промени, миграцијата и демократијата, се вели во текстот.

Во врска со соработката меѓу ЕУ и Кина, социјалистите експлицитно на поставуваат политички услови за зајакнување на врските со Пекинг, што претставува еден вид отстапување од досегашниот експлицитен став на ПЕС за условеност на меѓусебните односи со почитување на човековите права во земјата.

Во манифестот се повикува на поддршка на понатамошните чекори за проширување на ЕУ и на европската одбранбена индустрија, како и на зајакната соработка во разузнавањето и кибер безбедноста, во светло на руската агресија врз Украина и новото геополитичко опкружување во соседството на Унијата.

Меѓу надворешнополитичките приоритети покрај продолжување на финансиската, дипломатската и воената поддршката на Украина, се наведени и заложбите за прекин на конфликтот на Блискиот Исток и за свикување на меѓународна мировна конференција со цел постигнување мир врз основа на решението за создавање на две држави – Израел и Палестина.

Во врска со надворешната политика, во документот на ПЕС се предлага одлуките да се носат со квалификувано мнозинство гласови, наместо со консензус.

– ЕУ мора да говори во еден глас за прашањата од надворешната политика и да се движи кон поголем број мнозински одлуки, се потенцира во Предлог-манифестот.

ПЕС инсистира на продолжување на имплементацијата на мерките од Европскиот зелен договор според предвиденото темпо, отфрлајќи ги идеите за „паузи“ во спроведувањето на еколошките политики, промовирани од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, кој припаѓа на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), како и од конзервативната Европска народна партија