За неколку часа маж убил три и ранил неколку лица на повеќе локации во Чикаго

40

Тројца убиени и неколку ранети е билансот од неколкучасовно пукање во Чикаго, а убиен е и осомничениот напаѓач, 32-годишен маж.

Мотивите за убиствата сè уште не се познати, а според информациите кои ги објавија медиумите, првата жртва на осомничениот бил 30-годишен студент на Унверзитетот во Чикаго. Тој бил застрелан во главата додека седел во автомобил.

По ова, осомничениот се упатил во станбена зграда во истата улица каде пукал кон обезбедувањето и кон 77-годишна жена. Едно лице од обезбедувањето починало, а жената е во критична состојба.

Потоа, продолжил во друга зграда каде киднапирал маж кој го познавал од претходно, па влегол во продавница каде убил 20-годишно момче, а ранил 81-годишна жена, која како и претходната, е во критична состојба.

Осомничениот не застанал овде. По излегувањето од продавницата пукал кон автомобил и ранил 15-годишно девојче кое било со неговата мајка. Девојчето е четвртата ранета жртва која е хоспитализирана.

Осомничениот решил потоа да се врати на местото на едно од претходните злосторства каде веќе била присутна полицијата. Пукал кон полицајците, но не ранил никого. Избегал и се упатил кон Иванстон, кој се граничи со Чикаго. Таму сакал да ограби продавница и испукал неколку куршуми, но не ранил никој. Потоа се упатил кон ресторан од другата страна на улицата каде ранил жена. По излегувањето од ресторанот веќе бил опколен со полиција која го застрелала и убила.