За што ги трошат парите општините?

65

Начинот на кој што локалните власти ги трошат државните пари покажува дека нема рамномерен развој на општините. Градот Скопје заедно со 13 други општини трошат една половина од парите за јавни набавки, оставајќи им ја другата на 67 општини, покажува дата базата на Центарот за граѓански комуникации, пишува Радио Слободна Европа.

Општините најголемиот дел од парите ги трошат на пари за плати за администрација и тековни трошоци меѓу кои спаѓаат и трошоците за образование , а потоа и за јавни набавки со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните. Капиталните инвестиции, јавните набавки, привремени вработувања, нафтени деривати, се само еден дел од општинските буџети. За градежни работи, услуги и стоки сите 80 општини и Град Скопје лани потрошиле вкупно 126 милиони евра, од кои најмногу пари потрошила најголемата општина Град Скопје која брои половина милион жители.

Локалните власти потрошиле речиси 80 милиони евра од општинските буџети за градежни работи, додека 31 милион евра се потрошени за услуги, а 19 милиони евра биле наменети за набавка на стоки, покажуваат податоците од дата базата за јавните набавки во општините за 2019 година, на Центарот за граѓански анализи. Од скопскиот буџет во вредност од 106 милиони евра, 21 милион евра се потрошени на јавни набавки од кои половина се за градежни работи. Според тендерите кои ги анализиравме, урбаните општини најмногу трошат на одржување и реконструкција на патишта, некои и неколку пати во еден мандат, додека пак, руралните трошат на изградба на водоводни и канализациски мрежи.

Најмногу пари потрошил Град Скопје, додека најмалку пари потрошила општината Сопиште која лани потрошила само 9 илјади евра за јавни набавки што е 0,01 процент од буџетот со кој располагала. Веднаш по неа е општина Арачиново со 26 илјади евра кои биле наменети за одржување на службените автомобили и зимско одржување на улиците.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации која беше дел од тимот што петта година по ред ја изработуваа оваа дата базата вели дека нивното истражување покажува дека во текот на изминатата година во однос на претходната пораснале разликите меѓу општините и парите кои што ги трошат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Станува збор за големи разлики, произлегува дека жителите во различни општини во една иста држава им се овозможува различен квалитет на живот. Факт е дека тендерите се единствениот начин преку кој општините ги вложуваат парите во подобра инфраструктура, и во подобрување на квалитет на живот во тие општини. Така што ако во Сопиште и Арачиново се трошело во 2019 година по две евра од глава на жител, а во Новаци по 488 евра по глава на жител, се разбира дека разликата е голема.“ вели Факиќ.

Таа додава дека повторно се забележува трендот на голема концентрација на трошење на јавните пари во Скопје, а многу помалку во другите општини.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека локалните власти се должни да им даваат отчет на граѓаните за што ги трошат парите, но честопати не го прават тоа.

„Градоначалниците понекогаш се како шерифи на дивиот запад, овде елементот на казнување и контролата на начинот на тоа како се трошат парите на граѓаните затајува, и затоа тие се однесуваат на таков начин“, вели Муса.

Цела статија прочитајте ја тука