Зеленски: Имаат наредба да нѐ сотрат сите!

8

Со нови гранатирања на Харков, како и со опсада на Херсон и на Мариупол, руските сили вчера ја заострија воената инвазија врз Украина, но жителите на Киев вчера беа предупредени дека ги очекува уште поогнено утро – долгата колона руски тенкови и камиони по еднодневен застој, почнала бавно да продира од север кон главниот град.

Претседателот Володимир Зеленски порача: „Имаат наредба да нѐ сотрат сите“, откако проектили во вторникот го погодија репетиторот во центарот на Киев и меморијалниот центар Бабин Јар во чест на жртвите на масакр врз 33.000 Евреи за време на Втората светска војна. При ударот загинале најмалку пет лица.

– Кремљ нема да може да ја освои оваа земја со бомби и бомбардирања. Нападот потврдува дека нашиот Киев им е туѓ на многумина во Русија. Тие не знаат ништо за Киев, за нашата историја. Но, имаат наредба да ја збришат нашата историја. Да ја збришат нашата земја. Да нѐ сотрат сите! – изјави Зеленски, реагирајќи на „нечовечниот напад“ врз Бабин Јар.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко ги предупреди жителите да не излегуваат на улиците и да се подготват да го бранат главниот град.

– Непријателот се засилува и притиска сѐ поблиску. Спремни сме и ќе го браниме Киев. Ги повикувам сите киевјани да не ја губат храброста – порача поранешниот светски шампион во бокс.

Западни аналитичари потврдија дека колоната руски моторизирани единици долга 65 километри почнала да продира кон Киев, но се претпоставува дека таа не е испратена да бие битка за освојување на градот, туку да биде поддршка за главната офанзива што се очекува од запад.

На таков развој на офанзивата укажува и ракетниот напад врз градот Житомир, стотина километри западно од Киев. Украинскиот министер за внатрешни работи Антон Герашченко објави дека ракетите истрелани врз воениот аеродром во Житомир погодиле куќи и породилиште, при што загинале четири лица, вклучувајќи и едно дете.

На источниот фронт продолжило жестокото гранатирање на Харков, но руските сили трет ден не успеале да ја пробијат одбраната на овој втор според големина град во Украина. Одбиен бил и обидот „портите на Харков“ да ги отвори група диверзанти, кои со падобрани извршиле десант во центарот на градот. Бранителите на градот објавија дека по жестока престрелка била „неутрализирана“ заканата од командосите, но жители на градот и попладнето јавија дека сѐ уште се водат улични битки.

При гранатирањето на Харков, вклучувајќи и населби во кои нема воени цели, загинале најмалку 21 лице, а 112 биле ранети. Украинските власти ги оценија овие напади како „воени злосторства“ и оценија дека нивната цел е „да се разбие моралот на бранителите“. Крстосувачки проектил вчера попладнето ја погодил зградата на градскиот совет пред плоштадот Слобода, врз кој и во вторникот беше истрелан моќен проектил.

– Ве молиме затворете го небото за руски проектили и авиони, бидејќи тие ќе фрлаат бомби врз градот додека не го сторат пепел – изјави за Би-би-си Хлиб Мазепа, кој живее во центарот на Харков.

Украинските сили не успеале да ја запрат инвазијата од југ. Низ градот Херсон од вчера се движеле единици на руските сили, иако локалните украински власти јавија дека „сѐ уште не ја изгубиле целосната контрола“. Градоначалникот Игор Коликаев потврди дека руските сили ја презеле контролата врз главните сообраќајни јазли – железничка станица и пристаништето – и побара помош за да се воспостави коридор низ кој би се евакуирале ранетите и би се доставувало храна и лекови за жителите.

– Сѐ уште сме Украина. Сѐ уште стоиме. Но, мора да најде начин да ги собереме телата на загинатите, да ги обновиме доводите на струја, гас, вода и греење, кои се оштетени. Ако го сториме тоа, ќе биде чудо – изјави Коликаев.

Претставникот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, пак, соопшти: „Руските дивизии на оружените сили презедоа целосна контрола врз регионалниот центар Херсон“.

Херсон е првиот украински град со повеќе од 100.000 жители што паднал под контрола на руските сили. Аналитичари посочуваат на стратегиската важност на градот – како база за понатамошно пробивање кон Одеса на запад, но и на север кон Киев. Со контролата на Херсон, руските сили можат и да го деблокираат снабдувањето со вода на полуостровот Крим, анектиран од Украина уште во 2014 година.

Кремљ вчера побара да продолжат преговорите за прекин на огнот, а претседателот Владимир Путин ги објави условите за запирање на „операцијата“ во Украина – Владата во Киев мора ги признае Крим за руска територија, Луганск и Доњецк за независни републики, а мора и да се обврзе дека нема да стане членка на НАТО и дека нема да развие ниту да распореди нуклеарно оружје на својата територија.

Првата рунда преговори во Белорусија заврши без каков било договор. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија е спремна за нова рунда.

– Нашата делегација ќе биде таму доцна попладне. Ќе ги чекаат украинските преговарачи – изјави Песков.

Украинскиот претседател Зеленски објави еден услов за преговори – Русија да ги запре бомбардирањата и гранатирањата на градовите.