Зеленски: Подготвен сум да разговарам со Путин за Донбас и Крим, но со безбедносни гаранции

1

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за украинскиот медиум „Суспилне“ зборуваше за продолжување на преговорите меѓу Русија и Украина и рече дека резултатите од разговорите ќе треба да бидат потврдени преку референдум.

Во контекст на евентуалниот влез на Украина во НАТО, Зеленски зборуваше и за тоа дали земјата размислува да се откаже од посилна соработка со алијансата.

– На ова прашање би пристапил како кревање тегови. Постојат неколку пристапи. Мислам дека не можеш веднаш да кренеш 200 килограми. Ја имаме тежината на човечките животи пред се во овој момент. Русија е наш сосед. Има НАТО, има наша желба во Уставот, а има нејаснотии и внатре во НАТО кога станува збор за нашиот влез во алијансата. Треба да најдеме формат во кој ќе го разбереме сето ова – рече Зеленски.

Тој рече дека дефинитивно е дојдено време за средба со рускиот лидер Владимир Путин.

– Мислам дека ова е време за моја средба со рускиот претседател. Без тоа, нема целосно да разбереме што се подготвени да направат за да ја запрат војната. Тоа се многу сериозни работи – изјави украинскиот лидер во интервју за Суспилне.

Тој нагласува дека Украина не може да ги исполни ултиматумите на Русија за време на преговорите.

– Физички нема да можеме. Изгубивме луѓе. Сите мора да бидеме уништени за да се остварат руските ултиматуми. Ултиматумите се лоша работа бидејќи водат до геноцид и уништување на украинскиот народ. Затоа мора да има дијалог. Ние сме за мир. Колку и да е тешко, подобро е од војна. Во дијалогот може да се најде компромис – на ставот е Зеленски.

Меѓу другото, Зеленски зборуваше и за идниот статус на Донбас и Крим.

– Тоа е тешка приказна за сите. За да разговараме за ова, треба да го направиме овој прв чекор кога станува збор за безбедносните гаранции. Во мојата прва средба со Путин, јас сум подготвен да ги покренам овие прашања. Секако, би разговарале и за уставни измени, за измени на законот кога е во прашање гарантирањето на безбедноста – посочува Зеленски.

Сепак, тој објаснува дека и граѓаните на Украина ќе имаат улога во одлучувањето.

– им објаснив на преговарачките групи. Кога зборувате за сите овие промени, тие можат да бидат историски. Народот ќе мора да одговори на одредени формати на компромис – рече украинскиот претседател.

Конечно, тој јасно стави до знаење дека Украина не е во војна со Русија и рускиот народ.

– Никој не е во војна со Русија. Тие дојдоа овде и војуваат со Украина, а ние конкретно се бориме против руската армија, војници и офицери. Нашите војници не влегоа на нивна територија и покрај тоа што беше инвазија – заклучи Зеленски.