Зеленски предупредува на „исклучително тежок“ период во војната

6

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во Донбас е „исклучително тешка“ бидејќи Русија ги засилува нападите во источна Украина.

„Целата моќ на руската армија, која сè уште остана кај нив, е во напад“, рече Зеленски во обраќањето доцна синоќа.

Руските сили имаат за цел да уништат сè во Лиман, Попасна, Северодонецк и Славјанск, рече тој.

„Но, во прислушкуваните нивни разговори, слушаме дека тие се свесни дека оваа војна нема смисла за Русија и дека стратешки нивната армија нема шанси“, рече тој при што додаде дека ќе биде потребно време и „извонредни напори“ за Украинците да ја нарушат нивната предност во опрема и оружје.

Зеленски притоа повторно ги повика западните земји да достават повеќе тешко оружје и оцени дека редовното снабдување со оружје за Украина е најдобрата стратегија за одржување на глобалната стабилност.

Зеленски зборуваше претходно на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија, додека конфликтот влезе во четвртиот месец. Тој изјави дека Русија извршила речиси 1.500 ракетни напади и над 3.000 воздушни напади врз Украина во првите три месеци од војната.

Давос: Зеленски повика Русија целосно да биде отсечена од глобалната економија
Среде борбите, двајца највисоки руски функционери се чини дека признаа дека напредувањето на Москва е побавно од очекуваното, иако ветија дека офанзивата ќе ги постигне своите цели.

Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Русија, рече дека руската влада „не брка рокови“. И министерот за одбрана Сергеј Шојгу, на состанокот на безбедносната алијанса на поранешните советски држави предводена од Русија, рече дека Москва намерно ја забавува својата офанзива за да им дозволи на жителите на опколените градови да се евакуираат.

Руските власти, исто така, објавија дека силите на Москва завршиле со расчистувањето на мините од водите кај Мариупол и дека на 25 мај ќе се отвори безбеден коридор за излез на дури 70 странски бродови од јужниот брег на Украина.

Со оглед на тоа што руската воена кампања сега е во најактивна фаза, портпаролот на украинското Министерство за одбрана рече дека битките што се водат во источна Украина може да ја одредат судбината на земјата.

Во регионот на Доњецк, московските трупи го зазедоа индустрискиот град Свитлодарск, дом на термоцентрала, и таму го кренаа руското знаме, изјави Серхи Гошко, шеф на локалната украинска воена администрација, за украинското радио Вилни.

Гошко рече дека вооружени единици патролираат по улиците на Свитлодарск, проверувајќи ги документите на жителите.

Гувернерот на Луганск, Серхи Хејдеј изјави дека руската војска напредува во сите правци одеднаш во регионот.

„Тие донесоа луд број борци и опрема“, рече Хејдеј на Телеграм.

„Напаѓачите ги убиваат нашите градови, уништуваат сè наоколу“. Тој додаде дека Луганск станува „како Мариупол“.

Мариупол беше немилосрдно погоден за време на речиси тримесечната опсада која заврши минатата недела откако околу 2.500 украински борци ја напуштија фабриката за челик каде што стоеја.