Зидан: Лут сум, барав од судијата да ми објасни што се случи

10

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан е лут по ремито со Севилја (2-2) во 35. коло од шпанскиот шампионат. Со ваквиот исход „кралевите“ останаа на второто место, пропуштајќи можност да се израмнат по бројот на бодови со Атлетико Мадрид.

Дуелот на стадионот „Алфредо ди Стефано“ беше обележан со момент од 74-та минута кога главниот судија Хозе Луис Мунуера Монтеро досуди пенал за Кралскиот клуб, но по консултација со ВАР, ја смени одлуката и покажа на белата точка од спротивната страна на теренот за старт од пред десетина секунди.

“Не разбирам ништо. Ако Милитао играше со рака, тогаш и гостите имаа таков момент. Не бев убеден во тоа што ми го кажа судијата. Никогаш не зборувам за судењето, но денеска сум лут. Како и да е, ние нема да смениме ништо. Среќни сме со нашата игра, но заслуживме повеќе затоа што одигравме добро во второто полувреме. Ќе се бориме до крај. Треба да размислуваме за трите преостанати натпревари. Лут сум затоа што ја заслуживме победата. Зборувам за фактот дека имаше две ситуации кога топката го погоди противничкиот играч во рака, но беше досуден пенал против нас“, рече Зидан истакнувајќи дека неговиот тим не се откажува од борбата за титулата.

Реал Мадрид е на делба на второто место со Барселона со 75 бода, и заостанува два бода зад водечкиот Атлетико.