Зошто Русија масовно извезува „Спутник“, а заостанува во имунизацијата на населението?

20

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера изјави дека Русија треба да објасни зошто им нуди на другите земји да продаваат милиони дози од својата вакцина за коронавирус, додека заостанува во имунизацијата на своите граѓани. Во Русија со првата доза Спутник V се вакцинирале досега само 3,9 милиони луѓе, односно има само 27 имунизирани на 1.000 жители.

Се повеќе земји во Централна и Источна Европа се „загреваат“ за вакцината Спутник V, иако сè уште нема добиено регулаторно одобрување од Европската унија. Хрватска и Словачка вчера објавија дека преговараат со Русија за набавка на вакцината. Фон дер Лајен рече дека Русија треба да дозволи инспекција на местата за производство и да ги достави сите податоци за инспекција во рамките на процесот на регулаторно одобрување, објави порталот „Политико“.

„Сè уште се прашуваме зошто Русија теоретски нуди милиони и милиони дози додека не постигне доволно напредок во имунизацијата на своето население“, рече шефот на ЕК.

Членките на ЕУ заостануваат зад Соединетите држави и Велика Британија во дистрибуцијата на вакцини, создавајќи политички притисок врз владите за забрзување на програмата за имунизација. Проблемите со производството отворија прашања за тоа дали ЕУ треба да се сврти кон вакцините од Русија и Кина.

Членките на ЕУ можат да одобрат употреба на вакцината без официјално одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА), во тој случај тоа е одговорност на земјите-членки, а не на производителот.

Руската вакцина против Ковид-19 е произведена во државна лабораторија со поддршка на домашен фонд за директни инвестиции. Сепак, за да се постигне целта за вакцинирање на речиси една десетина од светското население, Русија мора да се потпре на фабриките во Бразил, Индија и Јужна Кореја.

Со ограничени капацитети за производство дома, Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој го дистрибуира Спутник V, се сврте кон партнерските земји кои имаат големи капацитети за производство на лекови, пишува „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Така, тој ја довери иднината на вакцината на огромна мрежа на приватни компании кои работат под различни национални регулаторни тела, од кои некои за ФТ изјавија дека ќе поминат месеци пред да започнат со целосно производство.

РДИФ за британскиот весник изјави дека има потпишано договори со 15 производители во 10 земји за производство на 1,4 милијарди вакцини, што е доволно за да се имунизираат 700 милиони луѓе.

Овие договори значат дека РДИФ се потпира на странски фабрики за производство на двојно повеќе вакцини од руските компании. Фабриките во Кина, Јужна Кореја, Индија и Иран ќе произведуваат вакцини што можат да се извезуваат во трети земји, додека фабриките во Бразил и Србија првенствено ќе ги задоволуваат домашните потреби.

Руската државна телевизија во ноември минатата година објави дека вакцината заснована на аденовирус е „едноставна и сигурна како автоматска пушка Калашников“. Сепак, експертите во многу западни земји изразија сомнеж во недостаток на целосни резултати од тестовите, велејќи дека Русија ја потчинила безбедноста на националниот углед.

Додека mRNA вакцините мора да се чуваат на ултра ниски температури, што го прави нивниот транспорт повеќе скокотлив и поскап, Спутник V е привлечен за многу земји со ниски примања, бидејќи чини десет долари и се чува на температура помеѓу два и осум степени Целзиусови.

Русија ја претставува вакцината и како научно достигнување и како инструмент на дипломатската мека моќ, што ја прави особено привлечна за земјите што сметаат дека биле исфрлени од глобалните фармацевтски договори на богатите земји.

Сепак, остануваат прашањата за тоа колку брзо глобалната производствена мрежа на Спутник V ќе може да ја задоволи побарувачката од повеќе од 50 земји. Производителите во Индија и Бразил, земји каде што РДИФ предвидува повеќе од половина од глобалното производство, за британскиот весник изјавија дека сè уште немаат започнато со масовно производство на вакцината.

Шест фармацевтски компании во Русија ја произведуваат вакцината, а тие се „скоро 100 проценти“ за домашна употреба, изјави Кирил Дмитријев, шеф на РДИФ. Тој додаде дека тие ќе бидат насочени кон извозните пазари по јуни, кога ќе бидат задоволени потребите на Русија. Дмитриев ги отфрли обвинувањата дека испораките веќе се при крај, откако Унгарија објави дека ќе добие само 100.000 дози овој месец, три пати помалку од очекуваното.