ИЕА: Потрошувачката на енергија годинава е поекономична

7

Светот годинава поекономично ја трошеше енергијата поради високите цени и пречките во снабдувањето со гориво, но се уште недоволно за остварување на климатските цели, предупреди денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Глобалните вложувања во енергетската ефикасност, како што се топлинските пумпи и изолацијата на зградите, годинава ќе се зголемат за 16 отсто, на 560 милијарди долари, пресметала ИЕА врз основа на прелиминарните податоци.

Се проценува дека годинава во Европа ќе бидат продадени речиси три милиони топлински пумпи, двојно повеќе отколку во 2019 година. Благодарение на вложувањата енергијата оваа година се користи два отсто поефикасно, што е речиси двојно поголемо подобрување отколку во изминатите пет години, но половина помалку отколку што би било потребно емисијата на штетни гасови до 2050 година да се сведе нето на нула, соопшти ИЕА.

Приоритет на владите треба да биде подобрување на енергетската ефикасност на зградите и транспортот, сугерираат од Меѓународната агенција за енергија, истакнувајќи дека засиленото производство на енергија од обновливи извори не може сама по себе да ја намали емисијата на штетни гасови и да го ограничи растот на температурата.

– По нафтените шокови во 70-тите години владите почнаа на инсистираат на енергетска ефикасност, што резултираше со значајно подобрување на енергетската ефикасност на автомобилите, уредите и зградите. Во актуелната енергетска криза забележуваме назнаки дека енергетската ефикасност повторно станува приоритет, изјави претседателот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол.