Избори на УКИМ: Седум кандидати за ректор од кои тројца бојкотираат

21

На најголемиот државен универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“ денеска треба да се одржат избори за нов ректор, позиција за која има во трка влегоа седум професори од кои тројца вчера соопштија дека ќе ги бојкотираат, како што рекоа, овие недемократски избори.

Ова се први избори според новиот Закон за високо образование, мандатот на новиот ректор треба да започне во септември годинава. Роковникот со активности за постапката за избор предвидува денеска да има тајно гласање на факултетите и единиците на УКИМ, на 6 јули да има повторно гласање, по што ќе следуваат приговори, а конечните резултати треба да се објават на 9 јули.

Во трка за позицијата прв човек на УКИМ влегоа: актуелниот ректор Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, професорите Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет.

Меѓутоа, Атанасов, Живковиќ и Димитриевски вчера излегоа со став дека не ги признаваат и нема да учествуваат во изборите. Нивната одлука следуваше откако три дена претходно оставка поднесе претседателот и дел од членовите на седумчлената Универзитетска изборна комисија, како и по соопштението на Антикорупциската комисија во кое таа укажа дека изборите за ректор не треба да се спроведуваат во период кога се распишани парламентарни избори.

До Универзитетската изборна комисија тие пратија известување дека своите кандидатури ги ставаат во мирување зашто нивниот став е дека изборите за ректор треба да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.

Од Комисијата, пак, добија одговор дека нивните кандидатури ќе останат избор доколку не ги повлечат зашто процедурата е во тек и дека и во објавениот Роковник со активности не е предвидено мирување на постапката и мирување на кандидатурите на веќе пријавени кандидати.

Постапката за избор на нов ректор ја одбележаа и низа реакции на Независниот академски синдикат (НакС) во кои професорите-членови посочуваа дека се брзаат и форсираат изборите со оглед на тоа што мандатот на новиот ректор треба да започне на 15 септември, реагираа дека постапката за избор не треба да биде започната во вонредна состојба кога имаше Уредба дека мандатите на телата на се продолжуваат, како и во период кога се распишани парламентарни избори.

Извештај за случувањата имаше и Државниот просветен инспекторат во кој стои дека постапката за избор не требало да продолжи по прогласувањето на последната вонредна состојба на 15 јуни, т.е. дека е тоа спротивно на Уредбата на Владата од 5 јуни за мирување на сите активности за избори на тела и продолжување мандати.