Извештај на експерти: Турција под закана на цунами при силен земјотрес

8

Извештај на експертска комисија што беше презентиран пред турскиот Парламент, околу мерките што треба да се преземат со цел да се минимизираат последиците од евентуален силен земјотрес, предупредува на опасност од цунами во Турција, јави турската приватна телевизија „Си-Ен-Ен-Турк“.

Во извештајот на повеќе од 500 страници се наведува „јасна опасност од цунами“ во земјата чии брегови на Егејското, на Средоземното и на Мраморното Море се густо населени и се забележува голема сеизмичка активност, пишува весникот „Милиет“.

Според документот, првиот удар при евентуално цунами нема да предизвика штета, но ќе го следат други кои ќе бидат уништувачки.

Во извештајот се тврди дека Мраморното Море има голем потенцијал за појава на цунами, а истражувањата покажуваат дека овој феномен е забележан таму повеќе од 30 пати во минатото.

При силен земјотрес се очекува првиот бран на можно цунами да стигне до брегот за десет минути, а највисокиот од нив да го погоди копното за околу еден час или час и пол. Островите и источниот дел на Мраморното Море се очекува да бидат најпогодени од цунами, предупредува извештајот.