Изложба на дигитални дела „Премостувања“ од Стефан Јакимовски

2

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект „Ѕид на уметноста“, вечерва ќе ја отворат изложбата на дигитални дела насловена „Премостувања“ од Стефан Јакимовски.

Според организаторот, Јакимовски е графички дизајнер и визуелен уметник кој во зависност од процесот и потребата создава ангажирани дела, наменски или пак ослободени, неформални, артистични.

– Тој создава приказни, како што е насловена една од неговите изложби, а со „Премостувања“ правиме артифицијално дигитално поврзување на дел од неговите дела кои навидум немаат поврзувачки точки. Изложбата „Мостови“ од 2016 година е само предвесник на плакатите, од една страна и уметничките графички решенија од друга страна кои ја формираат оваа неконвенционална серија „Премостувања“, велат од „Контекст-Струмица“.

Јакимовски е автор на многу графички решенија и учесник на меѓународни конкурси, симпозиуми и изложби. Има реализирано седум самостојни изложби и учествувал во над 50 групни изложби во земјата и надвор. Добитник е на домашни и странски награди и признанија. Тој е член на повеќе стручни жири комисии, рецезент на книги за средно стручно образование и ментор на наставни и вон наставни проекти.