Изложба „Паднати ангели“ на Ги Ланжевин во Чифте амам

12

Во рамки на одбележување на деновите на Франкофонијата, Амбасадата на Канада за Србија, Македонија и Црна Гораи Националната галерија утре (понеделник, 10 март) од 19 часот во Чифте амам ја отвораат изложбата со наслов „Паднати ангели“ на канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин.

Ги Ланжевин е познат по делата во „црна гравура“ (мецотинта), држи курсеви за магистранти по оваа техника во Канада и други земји (Франција, Белгија, Луксембург, Кина, САД).

„Еден е од основачите на ателјето „Presse Papier“ и меѓународното Биенале на современа графика во Троа – Ривиер. Учествувал во бројни уметнички проекти како кустос и член на жирито/ уметничкиот совет. Излагал на повеќе од 60 самостојни (40 во Канада, 20 во странство) и преку 150 групни изложби во Канада и 250 меѓународни изложби ширум светот“, стои во најавата за изложбата.

Од опусот на уметникот на македонската публика ќе и бидат претставени повеќе графики од серијалот „Паднатите ангели“. Во овие дела, велат организаторите, Ланжевен продолжува со истражувањето на некои од дуалитетите кои го карактеризираат нашето доживување на животот – светлоста и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањето и заборавот, но и контрастот помеѓу јаснотијата и неодреденоста на памеењето.

„Тој избрал во оваа серија да им се посвети на две техники – мецотинта, традиционална техника која бара висок степен на мануелна прецизност и вештина, и дигиталната фотографија, која се развива со голема брзина во основна техника на 21 век. Целината е замислена како целина за излагање, така чинејќи ја инсталацијата која му нуди на гледачот предизвик и прилика за размислување. На ‘паѓачките ангели’ им се одземени крилјата, исто како што им е одземена облеката и идентитетот на лицата. Тие се со човечко потекло, а, набљудувачот може да ги толкува на различни начини. Техниката мецотинта е една од најмануелните техники во графичките процеси, бидејќи за изработување на матрицата – металната плоча од која се пресликува имиџот на хартија е потребно да се работи по механички пат со помош на ‘лулашка’ – специјална алатка за ‘гребење по металниот цртеж’, се вели во најавата за изложбата „Паднати ангели“

Оттука, оваа изложба има уште една едукативна компонента и става акцент врз старите техники, кои, велат организаторите, речиси се на работ на исчезнувањето.