Инспектори на ДСЗИ влегуваат во битолската болница: Вонредната контрола следува по објавените фотографии

39

По барање на министерот за здравство, Венко Филипче, денеска инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе влезат во Клиничката болница во Битола за да одблизу ги согледаат условите во кои се лекуваат пациентите, пишува Фактор.

-Вонредната инспекциска контрола во оваа здравствена установа денеска ќе се прави за првиот случај и оваа наша активност ќе заврши во текот на денешниот ден, по што ќе информираме за тоа што е утврдено, вели за Фактор д-р. Ирина Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Вели дека во однос на тоа што е прикажано во видеото, пак, ќе следува друг инспекциски надзор на ДСЗИ.

Во текот на вчерашниот ден беа објавени фотографии на кои се гледа дека во една болничка соба пациенти примаат инфузија кревет до кревет со починати пациенти. Веднаш по нивното објавување директорката на болницата, Билјана Гагачовска изјави дека не станува збор за ковид пациенти туку за лица што починале во тријажниот оддел. Нагласува и дека законска обврска на секоја здравствена институција е пациентот кога ќе почине два часа да остане во институцијата, а дека фотографиите се снимени во тој меѓупериод, кога се информирале семејствата, кога се повикувало погребно претпријатие и кога се организирало пренесувањето на починатите во болничката мртовечница.

Таа истовремено го информира и Министерството за здравство при што во нејзината изјава се повикува на Законот за здравствена заштита:

-Во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1 стои: „Преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето“. Од таа причина телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртвачница, објасни директорката на Клиничката болница во Битола, Гагачовска.

Текстот е превземен од Фактор.