Интерпол ја повлече потерницата против дипломатот Миле Миленкоски

20

Интерпол ја повлече потерницата што по барање на Ерменија беше распишана против македонскиот дипломат Миле Миленкоски. „Комисијата за контрола на работата на Интерпол ја призна грешката на Интерпол, кога беше распишана потерница по бaрање на Ерменија, а без никакви докази или основа. Потерницата е официјално поништена. Добиена е важна битка, но борбата за правда и вистина продолжува“, вели Миленкоски.

Миленкоски за МКД.мк ја соопштува одлуката на Интерпол парафразирајќи ја нејзината содржина, па вели:

„Комисијата смета дека, иако Ерменија дала јасни информации за наводнaтa криминалнa шема, не може да препознае елементи на вклученост, знаење и намера на Миленкоски, вклучително и конкретни дејствија што евентуално ги извршил во наводното дело. Од надлежните во Ерменија беше побарано да ја објасни личната и специфичната улога на Миленкоски, но такво нешто не ѝ беше доставено на Комисијата. Од овие причини комисијата одлучи дека барањето за Миле Миленкоски не е во согласност со правилата на Интерпол и дека ќе биде избришано од датотеките на Интерпол“.

Инаку, Миле Миленкоски предминатата година, како заменик шеф на македонската мисија во ОБСЕ во Виена,  беше уапсен од страна на српските гранични служби при излез од Србија кон Македонија, токму по потерницата на Интерпол иако е дипломат и иако австриските и унгарските гранични служби не постапиле по потерницата.

Стануваше збор за еден случај кога Миленкоски и други двајца македонски дипломати Владимир Сарафов и Стево Симски, приватно биле во Ерменија на невладин настан за аутистични деца, од каде се вратиле со приватен авион ангажиран од бизнисменот со македонски и хрватски пасош Бранислав Димитријевиќ, а кој таму бил под истрага поврзана со изградба на автопатишта, поради што и не смеел да замине од земјата (чие име токму изминатите недели повторно е актуелно, а поврзано со претстојниот надзор на градежните работи на изградбата на коридорите 8 и 10 д во Македонија, н.з.).

Пет месеци Миленкоски беше во екстрадициски притвор во Врање. По долга судска процедура, Апелацискиот суд во Ниш утврди дека Ерменија не приложила ниту еден доказ што би го оправдал сомневањето за вина и ги отфрли сите обвиненија против него и тој беше ослободен. Но, по одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи, на дипломатот Миленкоски му беше даден отказ од работа.

Потоа, Миленкоски поднесе тужба против Министерството за надворешни работи, а судскиот процес не е започнат.

На прашање од МКД,мк што значи ваквата одлука на Интерпол во поглед на отказот што го има добиено, Миленкоски изјави:

„Отказот од МНР е секако незаконски бидејќи не се почитувани процедурите и законите. Но сега и другитета институции треба да ги преиспитаат постапките и одлуките, особено вклучените во постапката поврзана со безбедносниот сертификат. Се надевам ќе биде поттик за истражување на организираниот криминален чин и откривање на виновниците“.