Инфантино: Ми се плаче што Италија нема да игра на СП, но Македонија покажа зошто е толку убав фудбалот!

6

Светот денеска од 18 часот, преку ждрепката во Доха, ќе ги дознае групите за престојното Светско првенство 2022 кое во ноември ќе се одигра во Катар.

Изминативе денови во Катар, пак, се одржува и Конгресот на ФИФА на кој македонскиот фудбал наиде на пофалби од сите страни на светот. Првиот човек на ФИФА, Италијанецот Џани Инфантино не крие дека му се плаче што Италија нема да биде дел од Мундијалот, но во исто време се восхитува и на подвигот на Македонија која покажа зошто е убава фудбалската игра.

„Да бидам искрен, како фудбалски фан ми се плаче што Италија нема да игра на Мундијалот. За сите Италијанци тоа е многу тажно, ова е втор Мундијал по ред на кој нема да играат. Дури и ако се пласираат на следното светско првенство, тоа ќе значи дека ќе играат Светско првенство после 12 години, што секако е голем шок за таква велесила. Но, таков е фудбалот. Македонија покажа зошто е толку убава фудбалската игра. Инаку, нема да го менуваме форматот на светските првенства, на кои играат 32 тима и се уште ќе се играат на четири години. Така е засега, а ќе видиме понатаму“ – истакна Инфантино за време на Конгресот на ФИФА во Катар.

Во Доха на Конгресот на ФИФА е присутна и делегација на ФФМ предводена од претседателот Муамед Сејдини, а во која се и потпретседателот Лазар Ракиџиев и генералниот секретар Филип Поповски.