Иран истрела 22 балистички ракети врз две американски воени бази во Ирак

4

20-тина ирански балистички ракети во два часот утрината по локално време го осветлија небото над Ирак, како вовед за уште поголема неизвесност на Блискиот Исток.

Мета на проектилите, истрелани од иранска територија се двете ирачки бази Ирбил И Ал Асад, во кои се сместени американски војници. Техеран соопшти дека во нападите загинале 80 американски војници, но информацијата беше категорично демантирана од Пентагон дека нема американски жртви. Врховниот ирански лидер Хамнеи порача дека се уште ништо не е завршено, додека целосно не се отсече американската нога во регионот.

-Синоќа им удривме шлаканица во лицето. Но, воената акција во оваа форма не е доволна да ја одмазди смртта на Сулејмани. Она што е важно е дека мора да се стави крај на коруптивното присуство на САД во регионот, изјави Али Кхаменеи, врховен лидер на Иран

Следуваше невообичаено тивок одговор од Вашингтон. Се е во ред. Имаме најмоќна и добро опремена војска насекаде во светот, напиша Трамп по нападите, иако непосредно пред ракетирањето синоќа не исклучи воена интервенција.

-Подготвени сме, целосно. Исто така сме подготвени да нападнеме ако треба како одмазда, изјави Доналд Трамп, претседател на САД

Во меѓувреме, Иран ги предупреди сите американски сојузници кои имаат отстапено бази, како Саудиска Арабија, Кувајт, Јордан, Бахрејн дека ќе бидат следна мета ако станат појдовна точка за американските акции во регионот. Во исто време, Техеран објави и вознемирувачко монтирано видео, на кое се симулира атентат на американскиот претседател.

Техеран, за непријател го означи и Израел, чиј премиер денеска се закани дека заедно со САД жестоко ќе одговорат на евентуален напад.

-Израел целосно стои зад САД и ги оправдува. Америка нема подобар пријател од Израел и Израел нема подобар пријател од Америка. , изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел

САД во Ирак партципираат со пет илјади војници и повторија дека немаат намера да ги повлечат. Вчарашните ирански напади се најдиректен атак врз САД од заземањето на американската амбасада во Техеран пред 40 години, оценети како одмазда поради атентатот на иранскиот генерал Сулејмани минатата недела.