Иран ја отфрли поддршката на Трамп за Иранците

14

Портпаролот на иранската влада ги отфрли твитовите на американскиот претседател Доналд Трамп во кои изразува поддршка за Иранците, истакнувајќи дека иранскиот народ треба да запомни дека тој го убил генералот Касем Сулејмани и е причината поради која многумина се соочиле со економски предизвици, јавуваат државните медиуми.

Портпаролот Али Раби оцени дека Трамп, кој на твитовите на англиски и на фарси јазик им порача на иранските власти да не ги убиваат демонстрантите и го пофали големиот ирански народ, леел крокодилски солзи изразувајќи загриженост за Иранците.

Тој исто така рече дека амбасадорот на Велика Британија во Техеран дејствувал на тотално непрофесионален и неприфатлив начин, откако бил приведен за кратко време во близина на протестите, пренесува „Ројтерс“.

Од друга страна, британскиот амбасадор рече дека е уапсен откако присуствувал на бдение за жртвите и заминал кога митингот станал политички.

Иранците изразија револт на улиците поради соборувањето на украинскиот авион над Техеран и погрешните толкувања на високи функционери во врска со трагедијата, истовремено оплакувајќи ги жртвите, меѓу кои има и многу млади кои учеле во странство.